Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Илон Маск по најавата дека сепак ќе го купи Твитер: Ќе ја направам Екс, апликацијата за сè

Маск повторно се предомисли и објави дека повторно е заинтересиран за купување на Твитер, но овој пат по првичната цена од 54,20 долари по акција. Договорот за купопродажба би можел да се постигне веќе во петок, пишуваат голем број американски медиуми.

Во своите први изјави по обновувањето на обидот да го купи Твитер за околу 44 милијарди долари, Маск тврди дека купувањето ќе го забрза создавањето на некој вид повеќенаменска апликација.

Маск навести дека сака да го претвори Твитер во нешто како Ви-Чет, услуга за размена на пораки која е многу популарна во Кина, и Тик-Ток, сервис за споделување видеа во кинеска сопственост, која зема замав во САД и Европа, пишува Бизнис Стандард.

Buying Twitter is an accelerant to creating X, the everything app

— Elon Musk (@elonmusk) October 4, 2022

Тој повлече паралели со таканаречените „супер апликации“ кои се вообичаени во делови од Азија, а кои им овозможуваат на корисниците да користат една апликација за широк опсег на услуги, од испраќање пораки и други комуникации до нарачување храна и такси.

На годишното собрание на акционери на Тесла во август, Маск истакна дека често го користи Твитер и има идеи како платформата да ја направи „радикално подобра“. Тој ги спореди своите амбиции за Твитер со визијата што ја имаше за Екс, компанијата за финансиски услуги што ја коосноваше во 1999 година.

„Имав голема визија за она што мислев дека Екс.ком или Екс корпорацијата може да стане “, рече Маск. „Тоа е прилично голема визија и очигледно може да се започне од почеток, но мислам дека Твитер би помогнал да се забрза тоа за три до пет години. Тоа е нешто што ќе биде многу корисно за светот“, рече тој.

Акциите на Твитер скокнаа за цели 22% откако Блумберг прв извести за плановите на извршниот директор на Тесла да продолжи со договорот за купопродажба на компанијата, пишува Форбс. Тргувањето со тие акции на Твитер потоа беше прекинато. Маск наводно му пишал на Твитер и така им ги објавил своите планови. Ни едниот ни другиот не одговорил на барањата за коментар.

Предлогот на Маск да се согласи со првичните услови на договорот значи дека Твитер се соочува со иднина под водство на милијардер кој со месеци јавно го критикуваше неговото раководство и ја доведуваше во прашање неговата вредност. Тоа исто така значи дека неговите тврдења - за тоа колку ботови има на Твитер, на пример - веројатно нема да бидат внимателно испитани во судница.

Маск со месеци се обидуваше да се повлече од договорот за купопродажба на Твитер, потпишан во април. Тој тврдеше дека Твитер го довел во заблуда со информациите за количината на ботови, автоматизирани профили зад кои не стојат вистински луѓе. Тој официјално го раскина договорот во јули, а Твитер го тужеше пред судот во Делавер за да го принуди да продолжи со купопродажбата. Почетокот на судењето е закажан за 17 октомври.

Во текот на неколкуте недели кои претходеа на таа пресметка, адвокатите од двете страни испукаа низа судски покани едни кон други со цел да извлечат сведоштва и докази. Страната на Маск требаше да покаже дека Твитер ги прекршил условите од договорот. Твитер тврди дека Маск го искористил проблемот со ботовите како изговор да се повлече од договорот што повеќе не го сметал за профитабилен.

Адвокатскиот тим на Маск добил впечаток дека случајот не оди добро бидејќи судијката Кеталин Ст. Џ. Мекормик постојано стоела на страната на Твитер во претсудските пресуди, според извори. Дури и со задоцнетото појавување на свиркачот на Твитер, кој тврдел дека директорите не биле подготвени за прашањата за безбедност и проблемите со ботовите, постоела загриженост дека страната на Маск нема да може да докаже материјално негативен ефект, законски стандард потребен за излез од договорот.

Акционерите на Твитер на 13 септември гласале за прифаќање на понудата за откуп што ја доставил Маск. Компанијата тогаш соопшти дека 98,6% од гласовите биле за договорот. Маск, најголемиот акционер на Твитер, воопшто не гласал, тврдат луѓе блиски до тој круг. Маск поседувал речиси 10% од Твитер, повеќе од 73 милиони акции, кога се согласил да ја купи компанијата.