Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Изложба на Филип Велковски во галерија „Пионери“

Во Галерија „Пионери“ вечер ќе биде отворена индивидуалната изложба „Стогови на времето” на уметникот Филип Велковски. Изложбата ќе биде достапна за јавноста во периодот до 25 октомври 2022 година.

„Стогови на времето” сублимира делови од изложбите на македонскиот уметник Филип Велковски прикажани во периодот 2017-2022 година и претставува негова четврта самостојна изложба.

– „Стогови на времето” го совлада нашиот галериски простор со моќна порака дека временската скала секогаш ги наталожува моментите од минатото во сегашност и иднина. На виртуелниот екран на дигиталните архиви, гледаме процес на компостирање на хронолошки стогови сено во дистописки розов смог. Каков живот овие стогови пренесуваат од иднината кон вечноста? Какви остатоци будат во нас?, истакнаа од Галерија „Пионери“.

Филип Велковски е македонски уметник, роден во Скопје во 1988 г., моментално живее во Глазгов каде што дипломира на Факултетот за уметности во Глазгов, магистерска програма за ликовна практика. Cвоите дела повеќе пати ги има изложувано на домашна и меѓународна сцена, вклучително и во „RBA Rising Star“ (2022, Лондон), Barnes Garages (Глазгов, 2021), ЦК Јадро (Скопје, 2020), МСУ, (Скопје, 2018) и Галерија МКЦ (Скопје, 2017).