Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Министрите за енергетика на 15 земји-членки на ЕУ бараат ограничување на големопродажната цена на природниот гас

Воведување ограничување на големопродажната цена на природниот гас, бараат 15 земји-членки на Европската унија преку писмо испратено до комесарот за енергетика Кадри Симсон и додаваат дека на вонредниот состанок в петок на министрите за енергетика на Унијата очекуваат конкретен предлог во оваа насока, јави дописничката на МИА од Атина.

dobivaj vesti na viber

Писмото го објави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а потписници се министрите за енергетика на Грција, Хрватска, Франција, Бугарија, Белгија, Италија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и велат дека ги признаваат напорите на Комисијата и мерките што ги предложи за соочување со „енергетската криза што предизвикува неодржливи инфлациски притисоци“ кои силно ги погодуваат домаќинствата и бизнисите, „но, сега треба да се справиме со најсериозниот проблем од сите: големопродажната цена на природниот гас“.

-Ограничувањето на цените што од почетокот го бараа сè поголем број земји- членки е единствената мерка што ќе ѝ помогне на секоја земја да го ублажи инфлацискиот притисок, да управува со очекувањата и да обезбеди рамка во случај на потенцијални нарушувања на снабдувањето и да ги ограничи дополнителните профити во секторот. Плафонот треба да се примени на сите трансакции со природен гас на големо, а не да биде ограничен само на увоз од одредени јурисдикции, пишуваат министрите во писмото.

Објаснуваат дека плафонот може да биде воведен на начин на кој ќе обезбеди сигурност во снабдувањето и слободен проток на гас во Европа, а истовремено „да ја постигне нашата заедничка цел за намалување на побарувачката на гас“ и додаваат дека дополнително, може да се надополни со предлози за зајакнување на финансискиот надзор на пазарот на гас и развој на алтернативни одредници за цените на гасот во Европа.

-Со оглед на горенаведеното, ние долупотпишаните министри за енергетика Ве повикуваме да ни презентирате предлог во оваа насока за кој ќе се расправа на вонредниот Совет за енергетика на 30 септември, по што ќе следи законски предлог што е можно поскоро, пишуваат министрите за енергетика во писмото до европскиот комесар.

Грчкиот премиер, споделувајќи го писмото на Твитер, коментираше дека мнозинство од 15 земји- членки сега го поддржуваат барањето до Комисијата за воведување ограничување на цената на природниот гас.

-Одлични вести во борбата против високите цени на енергијата!, напиша Мицотакис.

Министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас, исто така на „Твитер“ истакна дека 15 се земјите кои се согласија со предлогот на Мицотакис за плафон на цената на природниот гас.