Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Москва: Речиси 100 отсто гласа на референдумите за приклучување кон Русија

Првичните делумни резултати покажуваат дека над 96 отсто од жителите во регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон се за приклучување кон Русија, според руската државна новинска агенција РИА.

Ова го отвора патот за Владимир Путин да ги анектира четирите области, по што тој секој обид на Украина да ги врати ќе може да го прикаже како напад врз самата Русија.

Путин претходно овој месец предупреди дека е подготвен да користи нуклеарно оружје за да го одбрани „територијалниот интегритет“ на Русија доколку таа биде нападната од силите на Киев.

Западните влади нашироко ги осудија референдумите како лажни и рекоа дека нема да го признаат нивниот исход.

НАТО: Лажно гласање

Гласањата организирани од Москва во четирите окупирани региони во Украина за анексијата кон Русија се „лажни“ и се „еклатантно кршење на меѓународното право“, изјави денеска шефот на НАТО, Јенс Столтенберг.

Столтенберг на Твитер напиша дека разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски „и јасно ставил до знаење дека сојузниците на НАТО се непоколебливи во поддршката на суверенитетот на Украина и правото на самоодбрана“.

„Лажните референдуми што ги одржува Русија немаат легитимитет и се грубо кршење на меѓународното право. Тие територии се украински“, рече Столтенберг.