Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Општина Виница за струја ќе плати над 60 отсто повисоки трошоци за наредниот едногодишен период

Трошоците за електрична енергија што Општина Виница ќе ги плаќа во наредниот едногодишен период ќе изнесуваат над 5,3 милиони денари во бруто износ, што е за над 60 отсто повеќе во споредба со претходната година.

По комплетирањето на постапката за јавна набавка на слободниот пазар на електрична енергија, како најповолна е одбрана понудата од македонската подружница на добавувачот „Футуре енерџи трајдинг енд ексчајнџ динамикс“ од Косово, со која е склучен договор чија важност е до почетокот на август идната година.

– Во вкупната вредност на договорот, освен трошоците за набавка, пресметани се и придружните услуги, сите други трошоци и попусти, при што понудената маржа од страна на носителот на набавката, односно од снабдувачот, изнесува 11,44 проценти за еден киловат час потрошена електрична енергија. Трошоците за балансирање на потрошувачката ќе ги покрива снабдувачот, а договорот не ја обврзува нашата локална самоуправа да ја изврши целата договорена количина, што значи ќе се плати само она што реално ќе биде потрошено, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Во списокот на електрични броила за кои потрошената струја ќе се плаќа од општинскиот буџет влегуваат објектите на локалната самоуправа, на средното и основните училишта во Виница, Блатец и Драгобраште, на градинката, како и на ЈКП „Солидарност“.

Според анализата од потрошувачката во изминатите години, се проценува дека во наредниот едногодишен период би биле потребни околу 1.400 мегават часови струја, што се приближно подеднакво распределени во скапата и евтината тарифа. Од нив најголем дел отпаѓаат на јавното осветлување во населените места во општината, а остатокот е за потребите на јавните институции.