Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Почина Муличкоски, архитектот на зградата на ЦК на СКМ, подоцна зграда на Владата

Творештвото на архитектот Петар Муличкоски е мошне разновидно и опфаќа од урбанистичко и архитектонско проектирање и ентериери до меморијална и пејсажна архитектура, а може да се истакне и неговиот специфичен израз во негувањето на цртежот што е една од спецификите на неговото воспитание како архитект од класата на проф. Едвард Равникар на Љубљанскиот универзитет, пишува на сајтот на МАРХ.

Муличкоски е роден 1929 година во Прилеп каде го минал раното детство и средношколските денови. Во периодот од 1949 до 1957 студира Архитектура на Техничкиот факултет во Љубљана. Во 1959 е избран за редовен асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Со понатамошно лично надградување во 1967 е избран за доцент, а во 1978 за редовен професор на истиот факултет.

Во 1960-те престојувал во САД во светски архитектонски бироа и во студиото на Френк Лојд Рајт во Аризона, во школата на Мис Ван дер Рое во Чикаго и во студиото на Чарлс Имс во Чикаго. Имал стручни престои и во во Шведска, Данска, Швајцарија, Италија и Грција.

„Нема сомнение дека современите светски тенденции во архитектурата извршиле влијание врз творештвото на Петар Муличкоски. Во неговите дела посебно е забележителна функционалноста и специфичноста на конструкциите, и објектите поседуваат чист и јасен архитектонски израз на конструктивизмот и новиот брутализам, едниот направен од метал, бетон и стакло со 'ѕидна завеса'(Владата) и другиот во натур-бетон, оригинален претставник на новиот брутализам (Спомен-костурница во Кавадарци)", велат од МАРХ.