Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Премиерите на Полска и на Данска свечено го отворија гасоводот „Балтик пајп“.

„Денес можеме да кажеме, целосно уверени, дека се завршува ерата на руска доминација во испораката на гас, ера обележана со уцени и закани. Почнува нова ера на суверенитет и безбедност во поширока смисла“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки на отворањето.

Полскиот премиер потсети колку пати неговата земја ги предупреди сојузниците за безбедносните ризици од зависноста од рускиот гас.

„Денес се гледа колку беше опасна соработката меѓу Русија и Германија на полето на испораката на гас. Гасоводот Северен тек еден е гасовод низ кој тече украинска крв. Балтичкиот гасовод е спротивност од она што му служеше на интересите на Путин, односно гасоводот Северен тек еден и два“, рече Моравјецки.

Данската премиерка Мете Фредериксен го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да ја дестабилизира Европа преку енергијата.

„Претседателот Путин предизвика енергетска криза во Европа. Населението во Европа веќе страда како што наближува зимата, тоа е предизвик и за нашата индустрија. Путин ја користи енергијата за да ја дестабилизира Европа. Тоа не можеме да го дозволиме. Треба да ѝ помагаме на Украина, да воведеме санкции кон Русија и да се ослободиме од увозот на руски гас“, изјави данската премиерка.

Целиот гасовод од Норвешка преку Данска до Полска е долг 900 километри, ќе биде пуштен во употреба на 1 октомври, во првите три месеци со само 30 отсто од капацитетот, кој вообичаено изнесува десет милијарди кубни метри гас годишно, а кој доколку се набави доволно гас би требало да се достигне следната година.

Трошоците за оваа стратешка инвестиција се зголемија од првичните 1,6 милијарди евра на околу две милијарди, а гасоводот го финансираше Европската унија со 250 милиони евра.

За Полска, која во последните години троши околу 20 милијарди кубни метри гас, од кои десет милијарди годишно биле увоз од Русија, новиот гасовод од Норвешка значи дека, доколку го искористи целиот капацитет, може целосно да го замени поранешниот руски гас.

„Во моментов нема официјална информација дека е купен гас за полн капацитет или барем за 80 до 90 проценти. Можеме да кажеме дека приближно половина од капацитетот сигурно ќе биде исполнет. Нашата компанија ПГНиГ, има свои наоѓалишта во Норвешка, таму сигурно ќе има гас, а тука е и десетгодишниот договор со норвешката компанија Еквинор“, изјави експертот Данијел Чижевски за полската приватна телевизија ТВН24.

„Балтик пајп игра клучна улога во стратегијата за напуштање на зависноста од испораките на гас од Исток. Гасоводот обезбедува пристап до стабилни извори за испорака на гас. Веќе првите испораки во наредните недели ќе претставуваат суштинско зајакнување на енергетската безбедност на Полска“, изјави претходно министерката за клима и животна средина Ана Москва.

Полска, исто така, води разговори со Чешка и другите централноевропски земји за проекти кои и на нив ќе им овозможат евентуално да користат транспорт на гас преку Балтик пајп, чии оператори се данскиот Енергинет и полскиот Гас-систем.

„Гасот од Балтик пајп не мора да завршува само во Полска. Со оглед на тешката ситуација на енергетскиот пазар, можеме да го испраќаме понатаму каде што ќе биде потребен. Кога ја започнавме оваа инвестиција, никој не очекуваше дека Русија ќе ја затвори славината за гас“, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда.