Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Работници од окупираната нуклеарна централа: Русите нè држат на нишан, тука изградија база

Русија е обвинета дека ја користи нуклеарната централа како штит додека од неа лансира проектили на блиски локации.

Двајца работници за Би-би-си изјавија дека секојдневно добиваат закани за киднапирање и дека стравуваат од радиоактивна контаминација на поширокиот регион и од нуклеарна катастрофа.

Никопоље, град под украинска контрола, од нуклеарната централа го делат петнаесетина километри од реката Днепар. Градот доживеа силно гранатирање во изминатите неколку недели, а во една ноќ биле регистрирани и до 120 ракети.

Доаѓаат од другата страна на реката, од правец на Енерходар, градот каде што се наоѓа електраната. За возврат, украинските сили го гранатираа Енерходар и електраната.

Надзорник на ОН вели дека постои реален ризик од нуклеарна катастрофа доколку борбите не престанат и ако на инспекторите не им биде дозволен пристап до нуклеарната централа.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат. Ситуацијата не е најјасна, но ризиците се очигледни.

„Мојот работен ден е постојан стрес“, вели Свитлана, која зборуваше за Би-би-си преку пораки. Таа и нејзиниот колега Микола сега можат да користат само руски картички, а сигналот е многу ограничен. Имињата се сменети заради нивна безбедност.

„Не можам повеќе да работам како порано“, вели Свитлана. „Минатата недела не можев да дојдам ни на работното место, премногу е опасно“.

„Во саботата беше гранатирана фабриката за азот и кислород, што предизвика пожар. За чудо, луѓето што работат таму преживеаја“, вели таа.

Друг жител на Енерходар вели дека цените во продавниците и аптеките сега се четири пати повисоки отколку на територијата што сè уште ја контролира Украина и дека има недостиг од лекари. Повеќето банкомати не работат.

Свитлана во централата работи долга низа години и вели дека сега секој ден паѓаат гранати во близина на нуклеарката.

„Психолошката ситуација е тешка. Војниците се движат со оружје и сите нè држат на нишан“, додаде таа.

Украина ја обвинува Русија дека стационирала околу 500 војници во нуклеарната централа. Неодамнешните снимки покажуваат како воени возила влегуваат во електраната, а Свитлана не се сомнева дека Русите ја користат како база.

„Секој ден се возат наваму-натаму со своите воени возила“, вели таа. „Тие ја поставија својата воена опрема точно пред зградите на нуклеарната централа за да им оневозможат напад на украинските вооружени сили“.

„Персоналот сега е заложник на Русите“, пишува Микола. „Го исклучија интернетот, оставија само фиксни телефони, а храна има само во една единствена трпезарија. Другите ги претворија во свои бази“.

Украина е загрижена. Русија почна да ја гранатира областа што ја окупираше за да се обиде да создаде лажен наратив: „Украина ве напаѓа - затоа подобро гласајте за приклучување кон Русија за да може да ве заштити“.

Проруската администрација, инсталирана од Москва во областа Запорожје, штотуку потпиша наредба за наскоро да се одржи референдум. Русија и претходно организираше лажни референдуми, како оној на Крим, кој го анектираше во 2014 година.

„Пристапот до сите покриви е забранет, таму изградија набљудувачки пунктови. Зградата за обука стана нивна касарна“, вели Микола.

„Сега, сè почесто, киднапираат персонал по смената, штом ќе излезат од безбедносната врата“, вели тој.

Свитлана и Микола исто така велат дека Русите оставаат ѓубре насекаде, но нагласуваат дека персоналот сепак може правилно да го следи реакторот.

Хрихориј Плачков, поранешен шеф на украинскиот Државен нуклеарен регулаторен инспекторат, вели дека ризиците се високи се додека Русите ја контролираат електраната Запорожје. Тој наведува дека на Русите ќе им требаат два до три месеци да ја пренасочат струјата кон сопствената мрежа, доколку тоа им е целта.

Енерходар е дел од јужниот фронт каде во последните недели се водеа интензивни борби. Сепак, значителен напредок сè уште не е постигнат. Ова сугерира дека најголемата европска нуклеарна централа и понатаму нема да биде под контрола на Украина.