Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Рок-бенд Манас: Помалку малограѓанство, повеќе соработки и да се одглавиме од минатото

-Како изгледа еден ваш обичен ден, колку често и каде имате проби?

Проби правиме кај Даре, главно само кога треба да се спремиме за свирка. Инаку секој си брка работа или факултет или двете одеднаш.

-Што правите во поглед на промоцијата на бендот и музиката што ја создавате, дали имате поддршка?

Кога ја вадевме Намера како сингл, плативме таргетирани реклами на социјалните мрежи, особено на Инстаграм. Меѓутоа, многу позначаен придонес има споделување од страна на нашите пријатели и фанови.

-Ваше мислење, што треба да се направи за да се подобри сцената и како младите артисти како вас да имаат шанса за повеќе настапи, па и надвор од нашата земја?

Како сцената да биде подобра? Помалце малограѓанство, повеќе соработки. Би било фино и да се одглавевме од минатото со стиловиве што се тераат. Не дека е добра ни другата екстрема - штанцање бледи копии на западњачки трендови.

А што се однесува до настапи во странство, тешко тоа без спонзорство, освен ако се работи за некој фестивал што е желен да подмири трошоци. За турнеи да не збориме. Некој ако ептен запнал тоа да го прави, ќе мора да работи многу на networking за да ги запознае правите луѓе и да направи некаква релација со нив, и потоа убаво да размисли за целата логистика и финансиска конструкција затоа што таков подвиг не е шала без цела една индустрија зад тебе.

-Веќе сте ангажирани за настап на претстојниот Андерфест фестивал, како дојде до соработка со фестивалот и кое е вашето мислење за ваков тип фестивали?

Пред година дена ми пиша организаторот Тони затоа што му се допадна нашата музика, па договоривме да свириме на фестивалот. За музички фестивали општо, што можам да кажам освен дека се супер за дружба, пиење и понекогаш да чуеш некој предобар бенд да те извади од чарапи - а Андерфест сигурно нема да биде исклучок.

-Според вас, која е причината што многу малку бендови настапуваат на фестивали надвор од нашата земја?

Ако треба да го кажувам очигледното, ретко кој има средства и опрема за да се направи таков потфат воопшто. Не е ни реалистично да се очекува да се излезе од тоа во плус, особено за мал бенд. Сите други фактори се секундарни. Можеби звучам како тежок песимист, но факт е дека во ваква економија никакви фини уметности не може да фатат корен, а не па да пуштат гранки во странство.