Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Русија тврди дека експлозиите во воената база биле резултат на детонација на муниција (ВИДЕО)

Очевидци за Ројтерс изјавија дека околу 15:20 часот по локално време, најмалку 12 експлозии одекнале од правец на воздухопловната база на руската армија Саки во близина на Новофедоривка, на западниот брег на Крим. Последната експлозија, која одекнала околу 15:50 часот, била најгласна.

Руското Министерство за одбрана тврди дека дошло до детонација на повеќе складишта на авијациска муниција, но не соопшти што ги предизвикало експлозиите. Москва, за разлика од проруските власти на Крим, тврди дека во експлозиите нема повредени.

Русија ги отфрли обвинувањата дека базата била погодена со проектили и инсистира дека станува збор за детонација на муниција. На видеата од социјалните мрежи се гледаат луѓе како бегаат од плажата додека пламени и чад се издигаат од повеќе локации.

Очевидци пријавиле и пожар на пистата и оштетувања на околните куќи, пишува Скај њуз.

Главните руски новински агенции цитираа неименуван извор од министерството кој вели дека „прекршувањето на противпожарните мерки се смета за главна причина за експлозијата во неколку складишта за муниција во воздухопловната база Саки“.

„Нема знаци, докази или уште помалку факти кои би укажувале на напад на магацинот“, вели изворот.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук вчера на својот официјален Телеграм канал ги припиша експлозиите во воената воздухопловна база на напад на украинската армија.

„Денешните експлозии во Новофедоривка се само уште еден потсетник на тоа на кого му припаѓа Крим. Тој ѝ припаѓа на Украина“, напиша Верешчук.