Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Руска космонаутка и тројца астронаути стигнаа на ИСС со ракета на Спејсекс (ВИДЕО)

Руската космонаутка Ана Кикина и уште тројца членови на екипажот пристигнаа на Меѓународната вселенска станица (ИСС) во четвртокот откако патуваа на американското вселенско летало Спејсекс.

„Едвај чекаме да се фрлиме на работа“, рече американската астронаутка Никол Ман веднаш по приклучувањето на леталото со Вселенската станица.

Тоа беше петта редовна мисија на Спејсекс на ИСС во име на НАСА, но прва со руски космонаут. Покрај Ана Кикина и Никол Ман, екипажот наречен Кру-5 го сочинуваат и Јапонецот Коичи Ваката и американскиот астронаут Џош Касада. Ракетата на Спејсекс полета од вселенскиот центар Кенеди во Флорида во средата, лансирајќи ја капсулата Драгон во вселената, приближувајќи се до ИСС во четвртокот по 30-часовно патување.

Размена на астронаути и покрај високите тензии

Членовите на Кру-5 ќе поминат околу пет месеци во оваа летачка лабораторија, на околу 400 километри надморска височина, каде што веќе има седум астронаути (двајца Руси, четворица Американци и еден Италијанец). Предвидено е неколкудневно примопредавање со четворицата членови на екипажот пред да бидат вратени на Земјата. Пред две недели еден Американец полета до ИСС со руска ракета „Сојуз“.

Оваа долго планирана програма за размена на астронаути се одржа и покрај мошне високите тензии меѓу Соединетите Држави и Русија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари. Така, обезбедувањето на работата на ИСС стана една од ретките теми на соработка меѓу двете земји.