Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Руската агресија треба да се искористи за да се зголемат нашите воени капацитети, вели поранешниот министер за надворешни работи Хоџај

Пратеникот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК) и поранешен министер за надворешни работи, Енвер Хоџај смета дека Косово долга низа години е безбедно од психолошки аспект, но дека во последно време косовскиот премиер, Албин Курти и претседателката Вјоса Османи намерно создаваат атмосфера на страв, јави дописникот на МИА од Приштина.

dobivaj vesti na viber

Според Хоџај, таква атмосфера сака да предизвика Курти зборувајќи за можностите за војна со Србија, а Османи со наводната заложба за Трактат за заедничка одбрана со Албанија, за време на посетата на албанскиот претседател Бајрам Бегај во Приштина, на почетокот од неделава.

Курти и Османи, вели поранешниот шеф на косовската дипломатија, намерно „ги заменуваат внатрешните теми, пред сé економската криза, со надворешно-политички пароли“.

– Косово долга низа години е безбедно од психолошки аспект, но последните недели го води стравот. Тоа не се прави за да се заштити државата и суверенитетот, туку за да се исполни личната себичност и партискиот популизам! Ова е време во кое се бара решителност, разборитост и издржливост. Не е време за пароли како моментални инспирации кон политичката бара, од која не можеме никако да се извлечеме, напиша Хоџај на својот Фејсбук.

Тој нагласува дека „ни во најлош сон“ не можел да предвиди дека „надворешната политика ќе се ниша од слоган до парола, без цели и стратегија“.

– Го слушнавме слоганот во јануари 2022 за спогодба со која Косово и Србија ќе се обврзаат за ненапаѓање. Од претседателката на Косово вчера го слушнавме слоганот за договор за меѓусебна одбрана меѓу Косово и Албанија. Концептуелно, договорите за ненапаѓање и оние за меѓусебна одбрана, припаѓаат на времето меѓу двете светски војни. Во денешно време, Шведска и Финска се зачленуваат во НАТО, барајќи колективна заштита од него, напиша Хоџај.

Меѓутоа, вели тој, главна грижа на Косово моментно е неспособноста на државното раководство „да ја искористат приликата со украинскиот случај и барем да станат дел од Партнерството за мир на НАТО“.

– Руската агресија (врз Украина) треба да се искористи за да се зголемат нашите воени капацитети, да се изолира Србија во регионот и да се зачлени Косово во НАТО. Тоа е она што ја брани Европа и што ја брани државата, порача Хоџај.

Извор: МИА