Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Спасовски: Го разбирам денешниот протест и го осудувам отворањето на клубот „Цар Борис Трети“

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека немало поголеми нарушувања на јавниот ред и мир на денешниот протест против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Во интервју за МАКФАКС, тој рече дека немало судири меѓу демонстрантите и полициските службеници.

Спасовски го осуди отворањето на клубот.

-Јас го разбирам протестот кој го изразуваат граѓаните како најсилно право да го искажат тоа што го размислуваат. Лично јас, осудувам отворање на таков клуб во Република Северна Македонија, посебно во Охрид. Зошто, заради тоа што ние сме држава која е родена на придобивките на НОБ. Тие придобивки ги чуваме ги негуваме заради тоа што на тој начин ја чуваме државата. Во идеолошка смисла јас сум следбеник на тие политики и мислам дека е апсолутно неприфатливо да биде промовиран начинот на однесување преку ликови кои биле дел од фашизмот, порача Спасовски.

Запрашан какво влијание ќе имаат актуелните случувања и константното провоцирање од бугарска страна со компромитирачки имиња од бугарската историја врз безбедносната состојба во државата, Спасовски семта дека не може да има сериозни нарушувања.

-Во смисла на безбедноста не може да има сериозни нарушувања, бидејќи тоа се маргинални групи, кои заради некакви лични интереси, финансиски интереси, успеваат да ги ангажираат и да бидат дел од некакви процеси овде. Најголемото мнозинство од македонските граѓани не ги поддржуваат тие придобивки, туку придобивките кои се база, темел на македонската држава. Затоа е и мојот став таков, личен став, но и став на градот од кој доаѓам. Куманово е град кој жестоко се спротивставил на фашизмот и тоа го направиле плејада на македонски граѓани кои заеднички се бореле против фашизмот, рече Спасовски, додавајќи дека многу е нелогично што од една страна барањата на Бугарија се дека не треба да се нарекуваат фашисти, наспроти историските факти дека во одреден период на историјата биле на страна на фашизмот, што од друга страна, воопшто не кореспондира со овие настани кои сакаат да ги промовираат во Македонија.