По десетти пат единствениот концепт на споделување искуства меѓу младите преку филм, култура, уметност и креативност, ќе завладее во Скопје на повеќе локации. Десеттата година на фестивалот се одржува во Европската година на младите и темата на фестивалот „Невидлива моќ" е посветена на моќта на младите, која е невидлива во општеството, но е основа на која се гради сегашноста и иднината за сите. Гости на фестивалот ќе бидат и учесници од: Италија, Бугарија, Србија, Романија, Полска и Ирска.
„Скопје е град во кој дојдовме пред 10 години и овде ни е срцето. Се радуваме како фестивалот расте, и зад работата на возрасните во фестивалот, стојат стотици млади луѓе, кои учествуваат на фестивалот, не само на централниот настан во Скопје, туку и во сите други градови низ Македонија. Во овие 10 години фестивалот се обраќаше на децата од 11 до 19 години, би сакал да можеме да ја продолжиме оваа приказна и со помалите деца. Годинава Македонија ја вклучивме во патувачки проект кој ќе се одвива во неколку европски земји, а започнува токму со 10. издание на фестивалот“, рече Јакопо Губитози, директор на „Џифони Експериенс", на денешната прес-конференција што се одржа во Кинотеката.
Фестивалот вечерва ќе го прогласи за отворен амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри.
Фестивалските активности ќе продолжат од 6 до 10 октомври во Кинотеката и Младинскиот културен центар, каде покрај богатата програма на активности резервирана за учесниците на фестивалот, ќе има и низа настани отворени за публиката како и интересни гостувања на млади и успешни уметници од Македонија и од странство.
За директорот на фестивалот, Дарко Башески, од особена важност е што сиве овие десет години младите учат како да гледаат филм и да дебатираат.
„Горди сме на нашите учесници, зашто освен што гледаат филмови, тие учат и да дебатираат, да дискутираат за темите кои се претставени во филмовите, да градат свое мислење. Тоа го забележуваме и во сите наши учества на 'Џифони Италија', каде македонските џифонци се едни од најактивните и за нив слушаме само пофални зборови“, рече Башески.
Една од придобивките на нашиот фестивал е што многу од младите што учествувале на фестивалот решаваат да продолжат во светот на филмот, рече програмската директорка на фестивалот, Деа Крстевска.
„Еден од важните аспекти на нашиот фестивал е што учесниците од Македонија се домаќини на џифонци од повеќе земји. Нас посебно нè радува што тие ги отвораат своите домови. Гостите имаат незаборавни искуства и многу често се враќаат на фестивалот“, нагласи Крстевска.
Џифонците освен што ќе гледаат филмови од поновата европска продукција, ќе учествуваат и на 11 работилници. За јуниорите годинава се подготвени: ликовната што ќе ја води Моника Мотеска, музичка со Лада Шоптрајанова Петровска и филмската што ќе ја води режисерката Марија Џиџева.
Сениорите ќе можат да работат на работилници за фотографија и видеомонтажа во соработка со ИКС, за анимиран филм со Крсте Господиновски, стрип со Здравко Гиров и Давор Драмаќинин, дигитален дизајн со Ладислав Цветковски и филмска со Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.
Од настаните отворени за публиката се издвојуваат Денот на италијанскиот стрип на 6 октомври, што е организиран во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје, на кој ќе гостуваат Серџо Џерази и Алесандро Билота од Италија, автори на познати стрипови, меѓу кои и „Дилан Дог", а ќе биде поставена и изложба на нивни цртежи.
Во сабота 8 октомври ќе гостуваат Сергеј, Наталија и Мартин од импров групата НАСТАП, а Роберто Геци и Антонио Масаруто од Италија ќе ја презентираат новопоставената изложба на нивни уметнички дела создадени во хармонија со природата во Македонија.
На 9 октомври ќе бидат прикажани првите две епизоди од новата серија „Генерација Бушави", а ќе следува и изненадување за присутните. Гости на фестивалот ќе бидат и режисери од Италија, Литванија, Полска, Словенија, како и актерката Јана Секуловска од Швајцарија, која има македонско потекло и игра во филмот „Семи, Џо и јас".
Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во 19 часот, кога ќе бидат објавени победничките филмови во сите категории, а ќе бидат прикажани и творбите кои ќе произлезат од петдневните креативни работилници.
Фестивалот „Џифони Македонија" е поддржан од Агенцијата за филм , Министерството за култура како и од Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, од Младинскиот културен центар и Кинотеката, како и други институционални поддржувачи и бројни спонзори.