Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

У19 евроквалификации: Македонските фудбалерки ремизираа против Белорусија

Македонската женска фудбалска репрезентација до 19 години одигра попладнево нерешено 1-1 (0-1) против Белорусија во рамки на второто коло на квалификацискиот турнир во Грузија за пласман на Европско првенство 2023 година.

Белорусинките поведоа со голот на Алина Карашчак од пенал во 19 минута, а македонските фудбалерки го израмнија резултатот преку Веса Села во 83 минута.

Македонија во финишот на натпреварот пропушти шанса за целосен резултатски пресврт, откако обидот на Лора Сулејмани во 89 минута заврши во стативата.

Избраничките на селекторот Астрит Мерко во воведниот натпревар од квалификацискиот турнир во групата 6 од Б лигата во грузискиот град Рустеви го совладаа домаќинот со 1-0 и со четири бодови го завршија настапот.

Конечниот пласман на табелата во квалификациската група 6 ќе биде познат в понеделник по дуелот меѓу Грузија и Белорусија.

Пласман во А лигата и шанса за пласман на завршниот турнир ќе обезбеди првопласираната репрезентација, а а преостанатите две селекции идната пролет ќе ги продолжат настапите во втората рунда во Б лигата.  (МИА)