Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Зеленски: Нема да има преговори доколку Русија одржи референдуми за отцепување

Руските сили и нивните сепаратистички сојузници сега контролираат големи делови од територијата на Донбас, источна Украина, и во јужниот дел на земјата. Тамошните власти рекоа дека би можеле да организираат референдуми.

Во своето вечерно обраќање, Зеленски рече дека Киев останува на својот став дека нема да ѝ отстапи никаква територија на Русија.

„Позицијата на нашата земја останува каква што била и секогаш. Нема да се откажеме од ништо што е наше“, рече тој.

„Доколку окупаторите тргнат по патот на псевдореферендуми, ќе си ја ускратат секоја шанса за преговори со Украина и слободниот свет, што очигледно ќе ѝ биде потребно на руската страна во одреден момент“.

Руските и украинските власти одржаа неколку рунди преговори од почетокот на инвазијата во февруари. Но, постигнат е мал напредок и од крајот на март не се одржани состаноци, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за тоа.

Руските сили го држат поголемиот дел од Херсонската област во јужна Украина, а локалните власти рекоа дека би можеле да одржат референдум за приклучување кон Русија во рок од неколку недели или месеци. Проруските сепаратисти одржаа референдуми за независност во Донбас и прогласија т.н народни републики. Кремљ ги призна пред почетокот на инвазијата.

Гувернерот на Луганск, регион кој речиси е целосно под руска контрола веќе неколку недели, во текот на викендот изјави дека Русија подготвува нов референдум на новоосвоените територии и дека на жителите им нуди повластувања доколку одговорат.