Macedonia
This article was added by the user . TheWorldNews is not responsible for the content of the platform.

Живи и исчезнати или киднапирани, па убиени: еден месец нема трага од мајка и 7-годишна ќерка од Куманово

Редакцијата на МКД.мк се обиде да добие одговор од Центарот за социјални грижи од Куманово, но на ниту еден од трите фиксни телефони не ни се јави никој. Останува нејасно дали социјалните служби знаеле за малтретирањето и дали се обиделе да преземат некакви чекори за заштита на мајката и детето. 

Блиските на Сабина велат дека поседуваат снимки од насилството кое таа го трпела, била тепана и малтретирана, а осомничениот Дехран имал проблеми со алкохол. Работел како овчар по околните села, а блиските на мајката и девојчето ги барале и кај семејствата каде тој работел. Единствената информација која ја добиле од едно од семејствата од кумановски села е дека минатиот месец Дехран ја тепал Сабина, а семејството на кое им ги чувал овците, ги избркало од имотот.

Последен пат Сабина и Елиф контактирале со семејството на 28 август, годинава. Таа претходно била во брак со таткото на Елиф, но по разводот тој заминал за Германија, а таа живеела со Дехран К. кого полицијата го бара. Цел месец никој ниту ги чул, ниту ги ведела, а трага нема ниту од невенчаниот сопруг.

Таткото на Елиф требало да дојде од Германија и да поднесе барање за старателство за да ја земе да живее со него, но сега девојчето го нема. Седумгодишната Елиф годинава требало да тргне во прво одделение.

Блиските на исчезнатите мајка и ќерка се сомневаат дека токму старателството и земањето на Елиф е причина за сите случувања. Семејството на таткото на девојчето се организирало и ги пребаруваат местата во Куманово и велат дека ако најдат било каква трага од невенчаниот сопруг, можно е да ги најдат и нив. И тие се сомневаат дека се убиени.

Од МВР потврдуваат дека ги бараат мајката и ќерката, како и дека е распишана потерница по невенчаниот сопруг кој се бара за сторено кривично дело. Сомнежите се дека сторил убиство.

„На 09.09.2022 во 14.30 часот од страна на И.Н. (59) е пријавено дека неговата внука С.С. (32) заедно со нејзината малолетна ќерка Е. И. пред околу 15 дена поточно на 25.08.2022 не биле достапни за контакт. Известен е јавен обвинител. СВР Куманово презема мерки за пронаоѓање на Д.К. (42),невенчан сопруг на С.С. поради сомнение за извршено кривично дело. Се преземаат мерки за расчистување на случајот", велат од МВР.

Потрагата по мајката и девојчето кое го пропушти почетокот на училишната година продолжува, а надлежните треба да дадат официјални одговори дали двете се живи и исчезнати или киднапирани, па убиени.