Macedonia

Агенцијата за остварување на правата на заедниците ништо не работи

Ме радува фактот што сте еден од првите портали, кои пројавуваат интерес за помалите заедници и за истите информирате. Ние како Унија за култура на Власите во Македонија (УКВМ) имаме позитивно искуство во соработката со порталот.

 Не би полемизирала со исказите на пратеникот Рубин Земон, ги почитувам, неговите заложби во сферата на мултикултурализмот и интеркултурализмот, како еден од иницијаторите на Националната стратегија.

Но, не можам да останам рамнодушна, сакам да укажам на одредени недоследности, за фактичката состојба со уназадувањето на правата на Власите (истото се однесува и на останатите заедници), посебно кога станува збор за (не)работењето на одредени владини агенции. Би требало господинот Рубин Земон, како долгогодишен борец за развој на мултикултурализмот и интеркултурализмот, а и како еден од предлагачите на новиот закон на Агенцијата за остварување и заштита на правата на заедниците (АОПЗ), да е запознаен со нејзиното (не)функционирање како и со (не)функционирањето на Управата за образование.

Бев дел од Работната група која работеше на предлог-законот за АОПЗ, (кој деновиве се преточи во Закон), меѓу кои беа пратеникот Рубин Земон, претставници на Министерството за правда, ОБСЕ... ( на состаноците на Работната група, често реагирав и за мнгубројните прекршувања на начелото на работа на АОПЗ, посебно за начинот на избор на член на партиципативниот форум, кој беше нелегално избран од страна на еден од советниците во АОПЗ, начинот на (не)делување  во интерес на заедниците).

Пратеникот Рубин Земон, во интервјуто меѓу другото вели, „добиваат уште една квалитетна алатка и поквалитетна државна Агенција во зачувувањето на нивниот идентитет, култура...”.  За да биде  таа агенција поквалитетна треба да биде квалитетна. АОПЗ, во нејзиното децениско работење не покажа квалитет. Зарем законот беше пречка досега АОПЗ да се зафати со работа? Нон сенс!

Сметам дека три години се и премногу долг период да се видат резултатите за (не)функционалноста на АОПЗ. Ова го велам од причина што исто толку години активно (надворешно и внатрешно), ја следам, запознаена сум со работата на АОПЗ како претставник на Унијата за култура на Власите од Македонија.

Во интерс на целокупната јавност, сакам да ги изнесам забелешките на другата страна во врска со расправата по повод предлог-законот на АОПЗ и Националната стратегија, за тоа колку тие ќе придонесат во подобрувањето на ситуацијата на помалите заедници. Како претставник на УКВМ, присуствував на јавната расправа и второто читање на овие два документа, одржани во Комисијата за политички систем и односи со заедниците во Собранието на РСМ.

1.На седницата бр.94 на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се оддржа јавна расправа во Собранието (19.11.2019) по повод  предлог-законот за правата на заедниците кои се помалку од 20% од вкупното население. На јавната расправа, беа дадени низа забелешки во врска со неинвентивноста и нефункционалноста на АОПЗ, како  од страна на претставникот на српската заедница, така и од страна на поранешниот пратеник Кенан Хасипи.  Забелешките нормално не беа прифатени.

2.На  второто читање (Комисија за политички систем/нов предлог -закон на АОПЗ, 3 јануари 2020), имаше издржани забелешки и од страна на претставниците на опозицијата. Забелешките, во одреден момент одеа во насока на констатација, како на пример констатацијата на поранешниот заменик директор на истата АОПЗ, Јусуф Хасани, цитирам: „да не се лажеме, Агенцијата е нефункционална, тотално и порано и сега...”...

3.На седницата на Комисијата за политички систем и односи со заедниците (14 јануари 2020), беше разгледана Националната стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам, усвоена од страна на Владата (5 ноември 2019), на која расправа, наспроти величењето на оваа стратегија од страна на предлагачите /претставниците на Владата како и од страна на пратеникот Рубин Земон, еден од иницијаторите на стратегијата од опозицијата имаше сосема негативно мислење за истата.

4.Антонијо Милошоски забележа дека стратегијата е многу површна без суштински истражувања, и уште додаде, цитирам: „во најмала рака е несериозно Владата да усвојува ваква стратегија, а на Собранието како највисок законодавен дом да не му се даде можност да дискутира, за да можат и пратениците да се изјаснат за истата. Со самото тоа што нивото на дискусија е сведено на работно тело, односно Комисија за политички систем, ова само по себе кажува дека е крајно несериозно однесувањето на Владата...”.  Тој исто така, нагласи и на проблемот со изумирањето на влашкиот јазик и неводењето грижа за овој јазик, па и за останатите... На крај Милошоски, заклучи: „не може да се наслови како стратегија може да биде само информација”.

Забелешка имаше и пратеникот Стевананџија кој рече: „Идејата е да се уништи македонскиот јазик... “.  На опозициските забелешки се приклучи и еден од присутните на средбата како надворешен член, кој како што се изјасни, дека иако долги години работи на оваа проблематика, воопшто не била поканета за дискусија на истата тема: „Ова е многу суптилна материја, не може така...  “.

Генералната дирекција на АОПЗ, освен протоколарни средби со домашни и странски институции, најновиот нивен успех е добиениот финансиски грант од ЕУ, со кои АОПЗ финансира одредени проекти на граѓански здруженија (и овде се провлекува конфликт на интереси со непочитување на одредени морално-етички нормативи од страна на вработените на АОПЗ), кој ни оддалеку не може да ја поправи и онака катастрофалната состојба кај заедниците во сферата на образованието, културата, литературата и медиумите, посебно кај Власите, во ништо подобра ситуација не се ниту Ромите, Србите и Бошњаците.

АОПЗ, за десетте години постоење, еднаш не излезе со извештај за нотирање на вистинската состојба со која се соочуваат заедниците. Во ниту еден наврат не излезе на терен да ги осознае и истражи вистинските причинители за уназадување на правата на Власите (ова се однесува и за останатите помали заедници).

Но, не само АОПЗ, тука е и Управата за образование, која до неодамна беше во рамки на МОН, сега веќе делува во рамки на новото Министерство за политички систем, врз основа на нашите активности, тврдам, а неодамна на една заедничка средба тоа ни го потврди и директорката на Управата за образование, дека со години, советникот за влашки јазик, нема спроведено анкета за запишување на деца кои ќе посетуваат настава на влашки јазик, истото важи и за останатите советници. Ова само по себе веќе кажува дека во тие владини агенции со години наназад воопшто ништо не се работи, не произведуваат никакви резултати. Напротив. Во секој сектор има назадување, но, затоа се трошат буџетски пари секој месец.

 Управата за образование, во 2017-та година излезе со извештај во кој целосно беа извртени фактите за образовниот процес кај Власите. Тој лажен Извештај што го изготвија во Управата за образование, поранешната министерка на МОН, Рената Дескоска, го презентираше на Конференција за помалите заедници и нивните достигнувања (26, 27 ноември 2017), како пред домашната јавност, така и пред странски претставници. Одговорност  сеуште нема.

Но, да не должам. Овде ќе застанам. Се надевам дека за почеток е доволно колку да се има предвид дека реалноста е сосема друга и таа е навистина загрижувачка.

Стоиме на располагање со точни податоци и информации за нефункционалноста на АОПЗ, на Управата за образование и секако медиумот на влашки јазик, кој воопшто не произведува програма со која ќе ги задоволи потребите на влашката заедница. Постојано имаме само репризни изданија и злоупотреба на самиот медиумски простор од страна на уредникот на Редакцијата за влашки јазик.

Нефункционалноста на етничките медиуми се однесува  комплетно и на останатите заедници, чие емисии се емитуваат на Вториот програмски сервис-МТВ.

Мирјана Николовска-Неделковска, Унија за култура на Власите од Македонија