Италија побара меѓународна помош во своите напори да го запре ширењето на коронавирусот откако бројката заразени во земјата порасна на 400. Исто така, тој се појави во многу европски земји, а стигна и до Бразил, токму преку луѓе кои неодамна биле во Италија, со што оваа земја стана нов центар на ширење на КОВИД-19.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте ги повика своите соседи на соработка, а не на изолација и дискриминација.

„Вирусите не познаваат граници и не запираат на нив“, кажа италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца на почетокот на кризен состанок во Светската здравствена организација.

Во Италија досега починаа 12 луѓе, од кои последниот е 70-годишник од Емилија-Ромања со историја на болести. Од шесте заразени деца во Ломбардија четири веќе се пуштени дома, објави агенцијата „Анса“.

Жена заразена со коронавирусот се породила денеска во болница во Пјаченца, но бебето имало негативен тест.

Освен Македонија, прв случај на коронавирус денеска потврдија и Финска, Грузија и Пакистан. Светската здравствена организација објави дека мнозинството нови случаи сега се надвор од Кина.