Macedonia

Законски измени за укинување на концесии, компанијата „Прогрес“ и натаму не доставила елаборат за Коњари | ТВ21

Проблемот со концесиите за ископ на земјиште, Министерството за економија се обидува да го реши со измена за Законот за минерални суровини, за кој во Собрание сѐ уште не е закажана седница. Но, иако не е закажана, министерот Бектеши, се надева дека законот ќе биде донесен пред распуштање на Собранието.

-Владата на Северна Македонија го достави во Собрание. Нашите очекувања се дека Законот за минерални суровини ќе биде усвоен пред распуштање на Собранието. Веруваме и се надеваме, а истовремено и повикуваме час поскоро да помине ова законско решение-рече Бектеши.

Со овие измени, Владата добива право еднострано да ги раскине концесиите, доколку истите претставуваат закана за здравјето и безбедноста на граѓаните. Измените даваат можност и укинување на концесијата на компанијата „Прогрес“, која експлоатира земјиште во Коњари, концесија која ја има рок до 2041 година. Локалните жители постојано се жалеа дека се загрозува нивното здравје и безбедноста, но и дека се намалува нивото на водата.

-Штетата е голема. Можеме да ви објасниме колку имавме вода некогаш, а колку имаме сега. Какви беа посевите, а какви се сега. Намаленото производство е резултат на ископот“, вели жител на Коњари.

Жителите на Коњари имаа бројни поплаки и за ископот на реката Пчиња.

Во моментов во овој дел работата е стопирана, бидејќи на компанијата „Прогрес“ која е ангажирана од страна на АД „Водостопанство“ ѝ истекол договорот, па затоа првин треба да достави елаборат за потоа повторно да може да добие дозвола за работа. Андреа Најденовски од АД „Водостопанство“, вели дека компанијата мора да достави елаборат најдоцна до средина на февруари.

-Компанијата ќе мора да достави елаборат до крај на јануари или средина на февруари. Откако ќе го достават елаборатот, ние повторно ќе побараме дозвола од Министерството за животна средина. Министерството ќе одлучи дали ќе издаде дозвола, за ние повторно да ја ангажираме компанија“, рече Најденовски.

Но, работата на терен не е завршена. Од „Водостопанство“ велат дека пречка била блокадата на жителите. Доколку не добијат дозвола од Министерството, речното корито ќе биде во иста состојба, а Коњари ќе остане со песочни ридови.